
Американски суд дозволи да продолжи постапката против „Мекдоналдс“ поради сендвичот „Мекриб“, чиј назив и изглед, според тужителите, создаваат впечаток дека содржи месо од свински ребра, пренесува „Ројтерс“.
Судијката Ејприл Пери отфрлила дел од тужбените барања, но оценила дека е прерано да се заклучи оти ниту еден разумен купувач не би можел да биде доведен во заблуда од претставувањето на производот.
Во средиштето на спорот е обликуваното месо со вдлабнатини што наликуваат на ребра. Тужителите сметаат дека ваквиот изглед, заедно со името „Мекриб“, ги наведува потрошувачите да очекуваат одреден, поскап дел од свинското месо.
Според тужбата, во сендвичот се користат други делови, меѓу кои и свинска плешка. Тужителите изнесуваат и наводи за употреба на срце, шкембе и желудник, што компанијата изречно ги негира.
Купувачите тврдат дека поради начинот на претставување плаќаат повеќе отколку што би платиле доколку имале појасна претстава за составот.
Во образложението, судијката навела дека потрошувачите не треба да бидат обврзани дополнително да истражуваат на интернет пред да купат сендвич од околу седум долари. Според неа, толкувањето на името од страна на тужителите не е неразумно.
Судот посочил и дека рекламите што го нагласуваат изгледот на месото налик на ребра можат да бидат релевантни во постапката, но дека за утврдување евентуална намера за измама се потребни дополнителни докази.
„Мекдоналдс“ ги отфрла обвинувањата и тврди дека отсекогаш бил транспарентен за состојките.
„Оваа тужба ги искривува фактите, а обвинувањата се неосновани“, соопштила компанијата, нагласувајќи дека во „Мекриб“ не користи срце, шкембе или желудник.
Адвокатот на тужителите, Тијаго Коелјо, изјавил дека неговите клиенти ќе продолжат да бараат одговорност за, како што тврдат, измамничко рекламирање.
„Мекриб“ повремено се појавува во понудата на синџирот уште од 1981 година. Одлуката за продолжување на постапката не значи дека судот утврдил одговорност на компанијата. Дали називот, изгледот и рекламирањето ги доведувале купувачите во заблуда допрва треба да се утврди.























