Српското Обвинителство за организиран криминал потврди дека поранешниот министер и близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, Томислав Момировиќ, е уапсен заедно со уште пет лица, под сомнение за корупција поврзана со проектот за модернизација на железничката пруга Нови Сад – Суботица – унгарска граница.
Се сомнева дека државниот буџет е оштетен за околу 115 милиони долари, додека кинескиот конзорциум CRIC&CCCC, кој го изведувал проектот, нелегално профитирал со дополнителни 18,7 милиони долари. Проектот е склучен врз основа на меѓудржавен договор меѓу Србија и Кина, без спроведен јавен тендер.
Момировиќ, кој бил министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во периодот кога е склучен договорот, ја напуштил функцијата во ноември 2024 година. Само четири месеци по свеченото отворање на обновената железничка станица во Нови Сад, се урна надстрешница и загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено – трагедија која предизвика масовни студентски протести против власта на Вучиќ.
Меѓу осомничените е и поранешниот министер за сообраќај Горан Весиќ, исто така близок соработник на Вучиќ, кој моментално се наоѓа на болничко лекување. Акцијата ја спроведе специјализирана полициско-обвинителска група за истраги на финансиски криминал и организирани структури. Истрагата ќе се прошири и на други сегменти од железничкиот проект.
Уапсените предизвикаа жестока реакција кај дел од провладините медиуми, кои тврдат дека зад акцијата стои политичка завера против претседателот. Поранешната министерка Зорана Михајловиќ изјави дека „ова е најбрутален лов на главата на Александар Вучиќ“, алудирајќи на наводно делување на „длабоката држава“ и странски интереси.
Претседателот Вучиќ, кој веќе со месеци тврди дека е мета на западни структури, закажал итна седница на Советот за национална безбедност во сабота, на која ќе се расправа за уапсените и понатамошните чекори на властите.