Иако островот Крит важи за една од подостапните туристички дестинации во Грција, особено во споредба со другите популарни острови, една неочекувана ставка на најпознатата плажа на островот ги изненади туристите од Србија – и тоа непријатно.
Плажата Елафониси, бисерот на југозападниот брег на Крит, е вистинска атракција за патниците од Балканот. Розевкаст песок, тиркизно море и недопрен пејзаж ја прават оваа локација незаборавна. Но, она што многумина не го очекуваа е дека на оваа природна убавина ќе мора да платат – за користење на тоалет.
Станува збор за надомест од 1 евро по лице за користење на јавниот тоалет на самата плажа. За четиричлено семејство, тоа значи минимум 4 евра дневно – само за основна потреба, и тоа под услов сите да го користат тоалетот само еднаш.
„Навикнати сме да плаќаме лежалки, чадори или паркинг, но да платиш за тоалет на плажа – тоа досега не ни се случило во Грција“, коментираат изненадени туристи.
Цените за останатата инфраструктура не заостануваат. Комплет од две лежалки и еден чадор на Елафониси чини 20 евра, а за дополнителна лежалка се доплатуваат уште 5 евра. До плажата, која е оддалечена од урбаните центри, може да се стигне со автомобил или организиран превоз – што, секако, носи дополнителни трошоци.
Иако Крит и натаму е привлечна и пристапна дестинација за туристите од регионот, ваквите детали се сè почеста тема на форуми и социјални мрежи, каде што посетителите споделуваат искуства и советуваат внимателно планирање на трошоците – дури и за нешта што порано се подразбираа како бесплатни.