УТРО.мк

Иако изгледа како да сте во рајот, ова е најопасната плажа во Грција

Иако изгледа како да сте во рајот, ова е најопасната плажа во Грција
Vero

Посиди – рајска плажа со скриена закана: Зошто токму ова место е меѓу најопасните во Грција

Плажата Посиди, сместена на западниот брег од првиот прст на Халкидики – Касандра, на прв поглед изгледа како совршено бегство од секојдневието. Долгиот песочен ’рт што се протега кон длабочините на морето создава глетки што го одземаат здивот – идеални за фотографии и љубители на дивата природа. Но зад оваа идилична слика се крие сериозна и често потценета опасност.

Она што ја прави Посиди толку ризична не е ниту дивата природа, ниту недостатокот на туристичка инфраструктура, туку силните и непредвидливи морски струи. Токму тие лесно можат да ги одвлечат пливачите, особено оние кои немаат доволно искуство или го потценуваат морето. Плажата е долга меѓу еден и два километри и целосно дива – без кафулиња, чадори, спасители или медицински пунктови, што ја прави речиси невозможна за брза интервенција при несреќа.

Овие опасности станаа болна реалност пред три години, кога тројца млади момчиња од Македонија беа одвлечени од струите додека се капеа на забава токму на оваа плажа. Едниот беше пронајден веднаш, другиот се спасил благодарение на детска топка што ја држел 19 часа во отворено море, но за жал, третото момче никогаш не беше пронајдено, и покрај големата потрага од грчките власти и доброволци.

Според грчкиот весник Етнос, Посиди се наоѓа на листата на најопасни плажи во Грција, заедно со:

Лаларија (остров Скијатос)

Матала (остров Крит)

Нас (остров Икарија)

Хорефто (регион Пелион)

Платиа Амос (остров Кефалонија)

Калами (остров Китира)

За сите овие локации важи едно правило – дури и кога морето изгледа мирно, никогаш не треба да се занемарат предупредувањата. Природата може да биде величествена, но и непредвидлива. Почитта кон неа и личната одговорност се клучни за безбедноста на секој турист.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран