Црна Гора деновиве се бори со повеќе активни пожари, а најзагрозени региони се околината на Подгорица, особено подрачјата Пипери и Кучки Корита. Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, изјави дека таму се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари.
Дополнителен предизвик претставуваат и таканаречените „подземни пожари“, кои повторно се активираат со порастот на температурите.
Во гаснењето се вклучени и припадници на армијата, а Црна Гора доби и меѓународна поддршка. Србија испрати хеликоптер, а од Швајцарија пристигна тим од 26 пожарникари со четири специјализирани возила. Поддршка во акцијата за справување со огнената стихија дава и хеликоптер од Чешка.