Скок без обука и со огромен ризик – долгогодишен скокач ја откри вистината за инцидентот на Стариот мост во Мостар
По објавувањето на снимка од турист кој самоволно скокнал од Стариот мост во Мостар, а потоа бил нападнат од локалци, за порталот „Аваз“ се огласи долгогодишниот скокач и претседател на Клубот на скокачи, Лоренс Листо. Тој лично го видел инцидентот од блиску, бидејќи се наоѓал во соседен кафе-бар.
Листо објасни дека според правилата, никој не смее да скока без претходна обука на локалната скокалница, каде што се учи скок од 5, 10 и 15 метри, со обезбедување од страна на скокачите и присуство на чамец за безбедност. Туристот, идентификуван како Лука Бонт од Швајцарија, не го почитувал ова и скокнал целосно облечен, со маица, фармерки и патики, при што скокот бил опасен по децата во чамец што се наоѓал под мостот.
„Скокна во момент кога скокачите се подготвуваа да си заминат, а во чамецот имаше деца до пет години. Можеше да ги повреди, дури и да ги убие. Локалните капачи реагираа, не скокачите, и почнаа да го удираат. Јас дојдов и го спасив од понатамошен напад. Тој потоа сфати колку згрешил и се извини“, рече Листо.
Тој додаде дека секој што сака да скока на мостот мора да помине обука и да добие сертификат, а дневно сè уште скокаат по неколку лица без несреќи. Но, постојат проблеми со туристи кои доаѓаат под дејство на алкохол или сами одлучуваат да скокнат, што создава ризици и опасности.
Листо повика на поголемо присуство на полицијата и строги казни за непочитување на правилата, појаснувајќи дека инцидентот ја оштети туристичката репутација на Мостар.