Километарски колони возила и тешко прооден сообраќај ја блокираа Кресненската Клисура во Бугарија, на патот кон Грција. Десетици македонски и бугарски граѓани, тргнати на пат за продолжениот викенд, останаа заглавени во сообраќајниот метеж пред граничниот премин Кулата – Промахон.
„Во Кресна имаше застој, а веднаш по границата се создаде огромна сообраќајна гужва“, споделуваат патници на социјалните мрежи.
Многумина пријавуваат дека чекаат повеќе од еден час за да го поминат овој дел од трасата. Причина за метежот се зголемениот број возила, тесниот пат низ клисурата и летната туристичка навалица.
Како одговор на ситуацијата, бугарската Агенција за патна инфраструктура воведе реверзибилен режим на сообраќај кај Симитли (на 375 километар од автопатот), со што се овозможува дополнителна лента во насока кон граничниот премин „Кулата“.
Оваа мерка ќе биде на сила до 20 часот вечерва.
Надлежните апелираат до возачите да возат внимателно и со зголемено трпение поради зголемената фреквенција на патот.