Наглите временски промени во Грција ги принудија властите да издадат предупредувања за неколку туристички региони. Регионот Тесалија синоќа беше зафатен од силен дожд, град и бурен ветер.
Во близина на Александрополис, гром предизвика пожар кој се прошири опасно блиску до населено место. Според грчките противпожарни служби, пожарот е ставен под контрола и правецот му е променет, па во моментов нема директна закана за жителите.
Нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови. Метеоролозите предупредуваат дека делови од Халкидики ќе бидат погодени од поројни дождови и силен град. Слична прогноза важи и за Пелопонез, каде се очекуваат екстремни временски услови.
Властите апелираат до граѓаните и туристите да бидат внимателни, да ги следат локалните известувања и да избегнуваат изложеност на отворено за време на невреме.