Бугарската влада предложи измени на законската рамка со кои ќе може да ја преземе контролата врз рафинеријата во Бургас, управувана од рускиот нафтен гигант „Лукоил“, со цел да се заштити енергетскиот систем од евентуални последици од американските санкции, пренесуваат локални медиуми, повикувајќи се на Ројтерс.
Рафинеријата во Бургас е единствениот капацитет за преработка на нафта во Бугарија и долго време беше стратегиски дел од меѓународното портфолио на „Лукоил“. Санкциите на САД и Велика Британија врз руските нафтени компании, поради војната во Украина, ја ставија рафинеријата под директен ризик.
Според нацрт-измените, ќе биде назначен специјален администратор кој ќе ја преземе оперативната контрола врз рафинеријата и ќе го води процесот на продажба. Во тој процес, „Лукоил“ нема да има право на глас, ниту можност да поднесе жалба.
„Ова е логичен чекор. Денес ќе поднесеме предлог-закон за назначување специјален администратор“, изјави поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, чија партија е дел од владејачката коалиција.
Според експертите, мерката има за цел да спречи можни прекини во снабдувањето со нафта и да го заштити Бугарскиот енергетски систем.
„Привремено преземање на оперативната контрола овозможува енергетска стабилност и намалување на ризикот од директни или секундарни санкции“, објасни Мартин Владимиров од Центарот за проучување на демократијата во Софија.
„Лукоил“ веќе е под притисок да ја продаде рафинеријата. Според информации на РИА, компанијата ја проценила на околу две милијарди долари. Бугарија уште во 2023 година воведе законска можност за назначување државен администратор во критични енергетски објекти.
Процесот на продажба ќе биде спроведен по донесувањето на законските измени, за што се очекува парламентарна расправа во наредните недели.























