Украинската армија вечерва изврши напад врз руско складиште за нафта во близина на селото Гвардејскоје на окупираниот полуостров Крим, објави рускиот Телеграм канал ASTRA, а пренесува The Kyiv Independent.
Локалните жители пријавиле дека слушнале неколку експлозии во близина на складиштето, додека руското Министерство за одбрана соопштило дека нивната противвоздушна одбрана соборила 10 украински дронови над полуостровот. На социјалните мрежи се појави и фотографија која наводно прикажува осветлено ноќно небо над селото по нападот, а се шират и снимки од последиците.
Украинската армија сè уште нема коментирано за нападот, а медиумите не можеле независно да го потврдат извештајот.
Складиштето веќе претходно било цел на украинските сили. Украинските специјални единици потврдиле на 17 октомври дека нивните дронови оштетиле складиште и постројка во Гвардејскоје.
Складиштата се наоѓаат во близина на воздушната база Гвардејскоје, која Русија ја користи за полетување на авиони вклучени во напади врз Украина. Украинските напади на руски воени и индустриски цели, особено преку домашно произведени беспилотни летала, се дел од стратегијата за ослабување на примарните извори на финансирање на воените операции на Москва.























