Во Хрватска се подготвува нова регулатива со која целосно ќе се забрани употребата на мобилни телефони во основните училишта, како за време на часовите така и за време на одморите. Ова го најави министерот за образование Радован Фукс, кој истакна дека целта е подобрување на концентрацијата, дисциплината и комуникацијата меѓу учениците.
Фукс појасни дека во средните училишта забраната нема да биде толку строга, бидејќи постарите ученици повеќе зависат од дигитални алатки во наставата. Сепак, телефони нема да смеат да се користат на час, освен ако наставникот не ги вклучи во наставниот процес.
Министерот најави и можни пошироки законски решенија кои би го ограничиле користењето на мобилни телефони кај малолетници по примерот на регулативите за алкохол и цигари, но додаде дека за тоа е потребен поширок општествен договор.
Тој посочи дека проблемот не е само во уредите, туку и во прекумерната употреба на социјални мрежи, што може да влијае на менталното здравје на децата. „Ограничувањата постојат, но родителите се тие кои мора активно да ги следат“, рече Фукс.
Најавени се и измени во правилата за оправдување на изостаноци, поради голем пораст на оправдани отсуства во периоди на тестирање. Се разгледува можност родителите да можат да оправдаат отсуство само два до три пати по полугодие, додека за останатите ќе се бара медицинска потврда.
Фукс се осврна и на зголеменото врсничко насилство надвор од училишните простории, нагласувајќи дека е потребна координирана реакција на училиштата, социјалните служби, здравството и полицијата. Според него, само заеднички пристап може да спречи ескалација на ваквите случаи.























