САД целосно го поддржуваат планот на Европската Унија да ги искористи замрзнатите руски државни средства како финансиски инструмент за помош на Украина и за зголемување на притисокот врз Москва, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на американски дипломатски извор.
Планот на Европската комисија предвидува можност земјите-членки да насочат до 185 милијарди евра од замрзнатите 210 милијарди евра руски средства во Европа, без формална конфискација. Според американскиот извор, Вашингтон „апсолутно ја поддржува“ иницијативата и чекорите што се преземаат за да се овозможи нивна употреба.
Замрзнувањето на руските средства се случи по инвазијата на Украина во 2022 година, кога САД и сојузниците ги блокираа трансакциите на руската централна банка и Министерството за финансии, со што беа имобилизирани околу 300 милијарди долари ширум светот.
Сепак, предложениот механизам на ЕУ е во застој поради забелешки од Белгија, земјата каде што е сместен најголемиот дел од средствата. Во меѓувреме, Германија предупреди дека неодамнешните наводни појави на беспилотни летала над белгиски воени објекти можат да бидат предупредување од Русија. Москва ги негира обвинувањата, но најави „болна реакција“ доколку средствата бидат одземени.
Во рамките на засилениот притисок врз Кремљ, претседателот на САД Доналд Трамп неодамна воведе санкции кон најголемите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“. Целта е ограничување на руските приходи и принудување на Москва кон преговори за завршување на војната, која влегува во четврта година.
Американската страна најавува дека постои простор за дополнително заострување на економските мерки, доколку тоа се оцени како неопходно.























