Министерството за надворешни работи на Бугарија денес остро ја осуди пресудата на Основниот суд во Битола со која Љупчо Георгиевски, претседател на затворениот Културен клуб „Иван Михајлов“ и еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Северна Македонија, доби условна казна затвор од една година.
Георгиевски, кој е и бугарски државјанин, беше осуден поради ширење омраза, поделба и нетрпеливост врз национална, расна или верска основа, како и за ширење расистички и ксенофобични содржини преку социјалните мрежи.
Од бугарското МНР оценија дека одлуката е „апсолутно неприфатлива“ и ја квалификуваа како уште еден доказ за, како што велат, систематско поткопување на човековите права на Бугарите во Северна Македонија.
„Неприфатливо е во земја која се претставува како мултиетничка демократија, отвореното изразување на припадност кон бугарскиот народ, како и ширењето на автентична бугарска култура и симболи да се казнува со закани и репресија“, се наведува во реакцијата.
Софија ја поврза пресудата и со поширока кампања на „антибугарска реторика“ во Северна Македонија, тврдејќи дека таа има цел да создаде страв и стигматизација на бугарската заедница. Во соопштението се споменува и дека Европската Унија веќе има забележки за недостаток на независност и непристрасност во македонскиот судски систем.
Случајот доаѓа во период на чувствителни билатерални односи меѓу Скопје и Софија, во кои прашањата за историјата, идентитетот и правата на бугарската заедница во Македонија остануваат тема на несогласување.