Силно невреме, проследено со обилни врнежи од дожд, грмотевици и силни ветрови, попладнево го зафати Белград и околните општини. Според Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) на Србија, невремето во српската престолнина започнало околу 18:30 часот, а претходно беше издадено вонредно предупредување за интензивни врнежи и бури.
„Силната конвективна облачност во областа на Белград во следниот час или два ќе предизвика обилни врнежи од дожд со грмотевици, локален град и силни и бурни ветрови во зоната на најсилните врнежи“, соопшти РХМЗ.
Во регионот Шабац, обилните врнежи придружени со ветер и ситен град траеле околу 20 минути. Поради дождот, улиците беа под вода, а сообраќајот се одвиваше со потешкотии. Властите засега не пријавиле проблеми со електричната мрежа или штети од краткотрајниот ветер.
РХМЗ предупредува дека силно невреме се очекува и во други делови на Србија, особено во западниот регион, областите Мачва и Колубара, како и Срем, со тенденција да се прошири кон Шумадија, Белградската област и Банат.