УТРО.мк

Истражна постапка по пожарот во Трубарево: кој ќе одговара за складирањето на електронски отпад?

Истражна постапка по пожарот во Трубарево: кој ќе одговара за складирањето на електронски отпад?
Vero

По пожарот што го зафати објектот за електронски отпад на „Ф-Групација“ во Трубарево, се отвораат многу прашања околу одговорноста и безбедноста на ваквите објекти. Инспекциите на терен земаат примероци од вода, воздух и почва, за да утврдат какво е загадувањето и дали се направени пропусти во работењето на објектот и издавањето на дозволи.

Директорката на Инспекторатот за животна средина, Ивана Гиновска, истакна дека објектот поседува важечка дозвола за управување со отпад издадена во 2021 година, со важност до 2031 година. Сепак, истрагата ќе треба да покаже дали фирмата водела точна евиденција за увоз, извоз и преработка на отпадот. За прашањата поврзани со здравјето на жителите, одговор ќе даде Институтот за јавно здравје.

Сè уште не е утврдена точната причина за пожарот. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како и премиерот Христјан Мицкоски, се сомневаат дека станува збор за хибриден напад од внатрешен и надворешен фактор. Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, нагласи дека одговорност и казни мора да имаат, иако лично не се чувствувал одговорен бидејќи цел ден бил во комуникација со институциите на терен.

„Ф-Групација“, која работи од 1998 година и е овластена за собирање и преработка на електронски отпад, батерии и акумулатори, претрпе непроценливи штети во пожарот. На ниво на земјата постојат околу 50 слични објекти, но „Ф-Групацијата“ е најголемата од ваков тип, соопшти Инспекторатот.

МВР информираше дека привеле четворица лица, меѓу кои сопственикот и управителот на погонот, како и уште две лица, во рамки на истрагата за причините и одговорноста за пожарот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран