Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го презентира новиот проект „SKOPJE CITY GO“, наменет за младите и сите граѓани на Скопје.

„SKOPJE CITY GO“ е унифицирана и дигитална картичка која ќе овозможи пристап до сите услуги што ги нуди градот на едно место. Со неа граѓаните ќе можат едноставно и без редици да користат јавен превоз, паркинг услуги, како и културни и забавни содржини, вклучувајќи музеи, кината, театрите, жичарата и Зоолошката градина.
Проектот посебно се фокусира на социјалната еднаквост – средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат картичката бесплатно, додека услугите ќе бидат достапни бесплатно или по намалени цени.

„Картичката ќе нуди и дополнителни услуги преку општествено одговорни компании, со што младите ќе добијат повеќе можности, семејствата ќе заштедат, а компаниите ќе придонесат за подобра заедница“, рече Ѓорѓиевски.
„SKOPJE CITY GO“ ќе биде достапна и како мобилна апликација и како физичка картичка, обезбедувајќи лесно користење за сите граѓани, без разлика на возраст и технолошки навики.
„Со „SKOPJE CITY GO“ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје“, порача градоначалникот.