
Специјализираното обвинителство денеска побара од Специјализираните совети во Хаг да го осудат поранешниот политички лидер на таканаречената ОВК, Хашим Тачи, на шест години затвор за кривични дела поврзани со попречување на правдата.
Предлогот за висината на казната беше изнесен во рамки на завршните зборови на обвинителството, претставено од обвинителот Џошуа Хефец.
За соработникот на Тачи, Хајредин Кучи, обвинителството побара девет месеци затвор, додека за Фадил Фазлиу, Исни Килај и Башким Смакај предложи казна од по три години затвор.
Обвинителот истакна дека барањето за осудителни пресуди се темели на доказите и фактите изнесени во постапката.
„Врз основа на сите докази и факти, обвинителството бара од Вас, Почитуван судијо, да ја донесете единствената пресуда што е во согласност со законот, доказите и овие факти“, посочи Хефец.
Тој побара обвинетите да бидат прогласени за виновни по сите точки од обвинението, при што судот при одредувањето на казните да ги земе предвид тежината и сериозноста на кривичните дела, како и останатите релевантни околности.

















