
Патагонија, огромниот и слабо населен регион на југот на Аргентина, станува сè поинтересна дестинација за инвеститорите кои планираат изградба на големи центри за податоци наменети за развојот на вештачката интелигенција.
Ниските температури, достапноста на обновливи извори на енергија, големите резерви на шкрилест гас и огромните површини слободно земјиште се меѓу главните причини поради кои технолошките компании го насочуваат вниманието кон овој дел од светот.
За разлика од САД, каде што изградбата на големи дата-центри предизвикува протести поради потрошувачката на електрична енергија, оптоварувањето на мрежата и влијанието врз животната средина, во Аргентина ваквите проекти засега наидуваат на значително помал отпор.
Еден од најголемите проекти се разгледува во покраината Неукен. Компанијата „Пампа Енергија“ планира изградба на центар за податоци во близина на термоцентралата „Лома де ла Лата“, со можен капацитет за потрошувачка до 500 мегавати електрична енергија.
Енергијата би била обезбедувана од областа Вака Муерта, едно од најголемите светски наоѓалишта на шкрилест гас. Компанијата почнала да го разгледува проектот откако добила повеќе барања за соработка од потенцијални инвеститори.
Интересот за Аргентина дополнително порасна по економските реформи на претседателот Хавиер Милеј. Новиот режим за поттикнување инвестиции, познат како RIGI, обезбедува даночни олеснувања и поголема регулаторна стабилност, што привлече капитал во енергетскиот и рударскиот сектор.
Кон развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција се приклучија и големи технолошки компании. OpenAI претходно објави соработка со аргентинската компанија Sur Energy за проект за центар за податоци на чиста енергија, чија вредност се проценува на околу 25 милијарди долари и кој би можел да достигне капацитет од 500 мегавати.
Дополнителен чекор кон поврзување на Патагонија со глобалната дигитална инфраструктура е најавата за изградба на втор терминал за оптички кабли.
Во моментов Аргентина има релативно мал број центри за податоци, главно концентрирани околу Буенос Аирес. Соседните земји, меѓутоа, веќе привлекуваат значителни инвестиции – Амазон развива голем центар во Чиле, Гугл има инвестиции во Уругвај, а и Парагвај најави свој проект.
Инвеститорите сметаат дека пристапот до големи количества енергија е една од најголемите предности на Аргентина, но експертите предупредуваат дека за развој на дата-центри се потребни и стабилна инфраструктура, телекомуникациска поврзаност и долгорочна регулаторна сигурност.
Покрај Неукен, интересот за вакви инвестиции се зголемува и во други делови на Патагонија, меѓу кои покраината Чубут. Доколку најавените проекти се реализираат, јужниот дел на Аргентина би можел да се претвори во едно од значајните светски места за инфраструктурата што стои зад развојот на вештачката интелигенција.

















