
Стотици семејства кои со години, а во одредени случаи и со децении, живеат во станови во општествена сопственост добиваат нова можност да го решат својот станбен статус.
Со предложените законски измени се предвидува нов рок за поднесување барања за откуп на становите, односно за пренос на правото на користење. Граѓаните кои не го искористиле претходниот рок до 31 декември 2024 година, ќе можат да поднесат барање најдоцна до 31 декември 2027 година.
Мерката се однесува на лица кои користат станови доделени по различни основи, меѓу кои експропријација на имот, уривање на станбени објекти или поради живеење во објекти кои биле руинирани и небезбедни.
Со законските измени се воведува и категоризација на корисниците според материјалната состојба и приходите на нивното заедничко домаќинство. Предвидени се четири категории: лица во социјален ризик, лица со ниски приходи, лица со просечни приходи и лица со високи приходи.
Од категоријата во која ќе биде определен корисникот ќе зависи и начинот на решавање на станбеното прашање. Лицата во социјален ризик ќе можат да го остварат правото на закуп под поволни услови, додека лицата со ниски, просечни и високи приходи ќе имаат можност за откуп на станот.
Предвидена е можност и за оние кои најпрво ќе склучат договор за закуп. Тие подоцна ќе можат да поднесат барање за откуп, со што би се овозможило трајно регулирање на сопственичкиот статус.
Предлог-законот опфаќа и случаи на граѓани кои имаат акти или договори за времено користење на станови издадени пред 16 мај 1998 година. За нив се предвидува можност за остварување на правото на сопственост или закуп.
Со законските измени се прават и одредени технички корекции на постојната регулатива. Предлагачот очекува со донесувањето на законот по скратена постапка да се надминат административните пречки и да се овозможи отворање на новиот рок за поднесување барања.
Клучниот рок за граѓаните кои не поднеле барање во претходниот период е 31 декември 2027 година.

















