Од 13 септември, во Грција стапува во сила најстрогиот сообраќаен закон досега, кој се однесува подеднакво на домашните и на странските возачи – вклучително и илјадниците македонски туристи кои секој продолжен викенд или одмор патуваат кон Халкидики, Солун и другите дестинации.
Новите правила се насочени кон елиминирање на ризичното однесување зад воланот, особено користењето мобилен телефон додека се вози, што според грчките власти е една од водечките причини за тешки сообраќајни несреќи.
Казните за користење телефон додека се управува возило ќе бидат значително заострени:
• Прв прекршок: 350 евра и одземање на возачката дозвола за 1 месец.
• Втор прекршок: 1.000 евра и шестмесечна забрана за возење.
• Трет прекршок: 2.000 евра и одземање на возачката дозвола за 1 година.
• Ако се случи несреќа: до 4.000 евра и до 8 години без возачка, а во потешки случаи – затвор до 20 години или доживотно.
Законот важи за сите возачи, без разлика на државјанството, а грчката полиција доби овластувања веднаш да го задржи возилото и да ги одземе документите на лице место.
Властите апелираат до сите туристи, вклучително и македонските, да не користат мобилен телефон додека управуваат возило – дури ни за „една порака“ – бидејќи последиците може да бидат сериозни и долготрајни.