Бројот на корисници на онлајн платформи за коцкање во Европската унија и Обединетото Кралство достигнал 38,6 милиони во 2024 година – што претставува пораст од 19% во однос на 2023 година, покажуваат податоците на Европската асоцијација за игри на среќа и обложување (EGBA).
Додека индустријата бележи континуиран раст веќе пет години, сè повеќе граѓани бараат стручна помош поради зависност од коцкање. Светската здравствена организација предупредува на сериозните последици од коцкањето – вклучително и финансиски колапс, семејно насилство, ментални нарушувања и самоубиства.
Според истражување објавено во „The Lancet“, 54,7 милиони мажи и 25,3 милиони жени ширум светот се соочуваат со коцкарски проблеми. Иако мажите почесто коцкаат, жените побрзо развиваат зависност.
Во 2024 година, компаниите членки на EGBA – меѓу кои се и Bet365 и Entain – држеле околу 30% од бруто приходите на европскиот онлајн пазар. Кај нивните корисници 75% биле мажи (наспроти 72% во 2023), а жените учествувале со 25%. Најактивни се лица меѓу 26 и 35 и меѓу 36 и 50 години. Онлајн казината генерирале 21,5 милијарди евра, а спортското обложување 13,7 милијарди.
Малолетничко коцкање: Најзастапено на Балканот и Јужна Европа
И покрај забраните, истражување на ESPAD (2024) покажува дека 23% од учениците на возраст од 15 до 16 години во 37 европски земји коцкале во изминатата година – лично или преку интернет. Највисока стапка е забележана во Италија (45%), потоа Грција (36%), а најниска во Грузија (9,5%).
Според анализа на италијански научници од 2025 година, најголема распространетост на малолетничко коцкање има во Јужна Европа и на Балканот. Источна Европа е во средина, додека Скандинавија и Централна Европа имаат најниски стапки.
Уделот на момчиња кои се коцкаат пораснал од 13% (2019) на 20% (2024), а бројот на девојчиња се има тројно зголемено – од 2,7% на 8,7%. Уделот на ученици со потенцијално опасни коцкарски навики се зголемил од 4,7% на 8,5%. Иако сè уште доминираат момчиња, алармантен е порастот кај девојчињата.
Стручњаците посочуваат дека средината и социјалните фактори имаат поголемо влијание врз навлегувањето во коцкарско однесување, додека индивидуалните карактеристики се поврзани со ризикот за развој на зависност.
Поинаков правец во политиките
Како одговор на растечката криза, законодавците ширум Европа почнуваат да воведуваат построги регулативи. Германија веќе целосно забранила онлајн коцкање, додека други земји го ограничуваат со строги услови.
Со оглед на брзиот раст на индустријата и зголемениот број млади зависници, регулирањето на онлајн коцкањето станува еден од најгорливите јавно-здравствени и социјални предизвици за иднината.