Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис испрати силна порака за поддршка на проширувањето на Европската Унија, нагласувајќи дека иднината на Западен Балкан, Молдавија и Украина е во Европа. По средбата со претседателката на Молдавија, Маја Санду, тој изјави дека ЕУ мора да го одржи кредибилитетот на процесот на проширување и да ги исполни ветувањата дадени на земјите-кандидати.
„Проширувањето е стратешка инвестиција за мирот, стабилноста, просперитетот и безбедноста на регионот. Денес е уште поважно, во актуелниот геополитички контекст во Европа“, рече Мицотакис, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Тој потсети дека Грција останува силен поддржувач на европската перспектива на земјите од регионот и се осврна на Самитот Украина-Југоисточна Европа, кој вчера се одржа во Одеса. Мицотакис истакна дека првиот таков самит се одржал во Атина во август 2023 година по иницијатива на Грција и изрази задоволство што иницијативата продолжува.
На средбата со Санду се разговарало и за енергетската соработка, со фокус на амбициозниот план за енергетско поврзување на Александруполи со Одеса преку Бугарија, Романија и Молдавија, што се оценува како важен чекор за регионалната енергетска безбедност и диверзификација.