УТРО.мк

Криза во Албанија: Од утре до 30% помалку автобуси поради скапото гориво

Криза во Албанија: Од утре до 30% помалку автобуси поради скапото гориво
Vero

Од утре, 1 септември, јавниот превоз во Албанија ќе функционира со намален капацитет, откако транспортните оператори најавија редукција на автобусите за 20 до 30 отсто.

Како причина за ваквата одлука се наведуваат високите оперативни трошоци, особено зголемената цена на горивото, како и нереализирањето на финансискиот надоместок за гориво што, според превозниците, им бил ветен од владата.

Националното здружение за урбан транспорт и Здружението за урбан и меѓуградски транспорт соопштија дека операторите се принудени да работат со намален возен парк, зависно од финансиските и оперативните можности на секој превозник.

„Принудени сме да работиме со возен парк намален за околу 20-30 отсто“, наведуваат здруженијата, посочувајќи дека трошоците за работа со полн капацитет станале неодржливи.

Транспортните здруженија во допис до кабинетот на премиерот, надлежните министерства и Општина Тирана нагласуваат дека редукцијата не е избор на операторите, туку последица на финансиската неможност да се обезбеди нормално функционирање на целокупниот возен парк.

Превозниците бараат институциите итно да реагираат и да се продолжи периодот на компензација за горивото за најмалку уште три месеци. Според нив, ваквата мерка е неопходна за да се спречи дополнително влошување на услугата и што поскоро да се воспостави целосен капацитет на јавниот превоз.

Проблемот, како што посочуваат здруженијата, трае уште од мај, кога повеќепати предупредувале дека поради растот на цената на нафтата не можат да ги покријат трошоците за работа. Дополнителен проблем е и ограничениот период во кој се користи надоместокот од 50 леки за литар нафта.

Албанија во моментов има меѓу највисоките цени на горивата во регионот. Литар дизел чини околу 2,38 евра, додека бензинот достигнува околу 2,22 евра.

Намалувањето на бројот на автобусите од 1 септември се очекува да предизвика дополнителни проблеми за граѓаните, особено во Тирана, каде јавниот превоз секојдневно го користат голем број патници.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin