
Хотелскиот комплекс и симбол на луксузот во Црна Гора, Свети Стефан, конечно ќе ги отвори своите врати ова лето, соопшти премиерот Милојко Спајиќ. Ова следува по одобрувањето на спогодбата меѓу Владата и компанијата „Adriatic Properties“, која ќе управува со комплексот на островот Свети Стефан и воилата Милочер.
Според премиерот Спајиќ, со оваа одлука е зачуван националниот интерес и е направен значителен чекор напред за развојот на туризмот во државата. Тој истакна дека со новата спогодба е избегната потенцијална финансиска загуба за Црна Гора од над 100 милиони евра.
Од новите услови на договорот, Владата ќе добива значително зголемена кирија: за хотелот Свети Стефан од 1.285.000 на 1.555.000 евра, а за ХТП Милочер од 350.000 на 423.000 евра. Износите ќе бидат автоматски индексирани според инфлацијата, а компанијата ќе исплати и дополнителни 500.000 евра. За прв пат, државата ќе добива и 10 проценти од профитот, како и ДДВ од 21 процент на сите приходи – што претходно не беше случај.























