
Во време кога конфликтот на Блискиот Исток доведе до затегнати односи меѓу Иран, САД и Израел, францускиот брод CMA CGM Kribi успеа да помине низ Ормускиот Теснец, една од најкритичните морски рути во светот. Ова е првото официјално регистрирано минување на европски брод од почетокот на кризата.
Ормускиот Теснец е стратешки премин низ кој во мирни времиња се транспортира речиси петтина од глобалната нафта и течниот гас. Меѓутоа, Иран, кој ја контролира оваа теснина, ја ограничува пловидбата и дозволува премин само на бродови кои ги смета за „пријателски“, често по претходно договорени рути и со одредена цена. Сите други, особено оние поврзани со САД и Израел, се соочуваат со сериозна закана од ирански напади.
И покрај дипломатските напори на западните земји, кои неодамна се состанаа во Велика Британија во потрага по решение за отворање на теснецот, ситуацијата останува сложена. Сепак, CMA CGM Kribi, во сопственост на француската компанија CMA CGM, успеа да исплови од Дубаи и да следи пат по иранскиот брег, покрај островите Кешм и Ларак, за да пристигне кај оманскиот главен град Мускат следниот ден наутро.























