
Километарски колони од возила, долги задржувања и нервозни туристи ја одбележаа денешната состојба на граничниот премин „Евзони“ на влез во Грција. Според грчките медиуми, патниците се соочуваат со повеќечасовни чекања поради новите биометриски контроли што се спроведуваат на границата.
Најголем проблем имаат туристичките автобуси, за кои чекањето достигнувало и повеќе од пет часа, додека патничките автомобили во просек чекале околу два часа за премин. Десетици автобуси останале неподвижни на високите температури, а голем број патници биле принудени да излегуваат од возилата барајќи засолниште од сонцето.
Грчките медиуми јавуваат дека, и покрај големите доцнења и незадоволството кај туристите, не се регистрирани посериозни инциденти. Сепак, многумина го изразиле своето разочарување од состојбата на границата, оценувајќи дека ваквиот почеток на летниот одмор е неприфатлив.
Поради огромниот метеж, грчките власти биле принудени привремено да го применат стариот систем за контрола на патниците во туристичките автобуси со цел да се забрза протокот и да се намалат застојот и чекањето.
Според грчките медиуми, проблемите се поврзани со имплементацијата на новиот европски систем за влез и излез (EES), кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани од земји што не се членки на Европската Унија.
Грчките власти веќе разгледуваат дополнителни мерки за подобрување на протокот на патници и возила, а како можни решенија се споменуваат зајакнување на информатичката инфраструктура и воведување привремени технички решенија на најоптоварените гранични премини.















