
Лидерите на Русија, Белорусија, Казахстан и Киргистан упатија јасна порака до Ерменија по самитот на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) во Астана, барајќи земјата што поскоро да се изјасни за својата иднина и надворешнополитичка ориентација.
Во заедничка изјава, претседателите Владимир Путин, Александар Лукашенко, Касим-Жомарт Токаев и Садир Џапаров ја истакнаа потребата Ерменија да организира национален референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали сакаат земјата да продолжи како членка на Евроазиската економска унија или да го избере патот кон Европската Унија.
Во документот се наведува дека до крајот на годината ќе бидат анализирани можните последици доколку Ерменија го суспендира или прекине своето членство во ЕАЕУ.
Рускиот претседател Владимир Путин повтори дека секоја држава има право самостојно да ги избира своите партнери, но нагласи дека не е можно истовремено членство во двете интеграции. Според него, Ереван треба што побрзо да донесе конечна одлука.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно посочи дека Ерменија има значителни економски придобивки од членството во Евроазиската унија, наведувајќи стабилен економски раст и поволни цени на рускиот гас во споредба со европскиот.
Прашањето за европската интеграција на Ерменија во последниот период станува сè поактуелно, а односите меѓу Ереван и Москва се наоѓаат под зголемено внимание поради различните геополитички интереси на двете земји.















