Белград се тресе од серија насилни напади врз најпознатите кафулиња и ресторани – ноќни експлозии, огнени факли и молотови коктели се новата „добредојде“ сцена во српската престолнина. Гостите панично бегаат, сопствениците молчат, а полицијата трага по сторители кои доаѓаат, палат и исчезнуваат.
Во последните месеци се нападнати локали во Савски Венец, Чукарица, Врачар и Стари Град. Барови горат, фасади се уриваат, а стравот расте – дали зад сето ова стои пресметка на криминални банди, нерасчистени сметки, навивачка војна или брутален рекет?
Момчиња во црно со маски, мотоцикли како сцена од акционен филм, и напади среде ноќ, но и сред бел ден – сликата наликува на мафијашки теренски обрач. Според белградските медиуми, некои објекти биле нападнати и додека биле полни со гости – предизвикувајќи масовна паника и бегство.
Полицијата е на терен, неколку осомничени се уапсени, но организаторите се сè уште во сенка. Според поранешниот началник на криминалистичката полиција, Дејан Раденковиќ, најчесто се користат малолетници кои за ситни пари вршат валкана работа со молотови и бензин.
Белград е на раб на нов бран урбано насилство, каде ноќниот живот се претвора во кошмар. Дали градот губи битка со подземјето или ова е само почеток на поголема војна?