УТРО.мк

ФЕД повторно против Трамп: Каматните стапки остануваат исти, и покрај притисоците од Белата куќа

ФЕД повторно против Трамп: Каматните стапки остануваат исти, и покрај притисоците од Белата куќа
Vero

Федералните резерви на САД одлучија по петти пат по ред да ги задржат каматните стапки на исто ниво, и покрај интензивниот притисок од претседателот Доналд Трамп и неговите сојузници за нивно намалување. Референтната каматна стапка останува во опсег од 4,25 до 4,5 проценти, ниво кое е непроменето од декември минатата година, јавува CNN.

Одлуката, која не беше едногласна, покажа длабоки поделби во раководството на ФЕД. Комитетот за отворен пазар гласаше со 9-2 за задржување на стапките, а несогласување изразија гувернерите Мишел Боуман и Кристофер Волер, кои сметаат дека инфлацијата е веќе под контрола и дека ФЕД треба да започне со намалување на каматите.

Ова е првпат од крајот на 1993 година повеќе од еден гувернер да гласа против ваква монетарна одлука, што укажува на растечка несигурност околу идниот правец на економската политика.

Во соопштението по состанокот, ФЕД наведува дека растот на економската активност се забавил во првата половина од годината, додека пазарот на трудот и натаму е солиден, а инфлацијата останува покачена. Централната банка нагласува дека ќе продолжи да ја следи економската состојба, пред сè во контекст на царинската политика на Трамп и нејзиното влијание врз цените.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, изјави дека моменталната економска сила на САД овозможува задржување на стабилни стапки, но додаде дека нејаснотиите околу ефектите од трговската политика на Трамп сè уште се големи.

„Почнуваме да гледаме влијание на повисоките царини врз цените на одредени производи, но сè уште не е јасно каков ќе биде нивниот севкупен ефект врз инфлацијата и економската активност“, рече Пауел. Тој додаде дека краткорочните ефекти се можни, но не е исклучено да се појават и подолготрајни инфлаторни притисоци.

И покрај постојаните напади од Белата куќа и реториката на Трамп, ФЕД останува на својата стратегија „почекај и види“, инсистирајќи дека стабилноста и анализата на податоците се клучни во носењето на идните одлуки.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран