
Лидерот на Словенечка демократска партија, Јанез Јанша, денеска и официјално беше предложен за мандатар за состав на новата влада на Словенија, откако обезбеди поддршка од 48 пратеници во Државниот збор.
Како што објави Словенечка новинска агенција, покрај неговата матична партија СДС, кандидатурата ја поддржале и пратениците од Нова Словенија, Словенечка народна партија, Фокус, Демократите на Анже Логар, како и членовите на движењето Ресни.ца, кое формално ќе остане во опозиција.
За избор на мандатар во словенечкиот Парламент потребни се најмалку 46 гласа, што значи дека Јанша веќе има стабилно парламентарно мнозинство за добивање на мандатот. Гласањето за нов премиер би можело да се одржи најрано в петок, додека изборот на новата влада се очекува на почетокот на јуни.
Доколку биде избран, Јанша по четврти пат ќе застане на чело на словенечката влада. Тој претходно беше премиер во периодите од 2004 до 2008 година, потоа од февруари 2012 до март 2013 година, како и од 2020 до 2022 година.
Роден е на 17 септември 1958 година, а својата политичка кариера ја започнал на првите повеќепартиски избори во Словенија во 1990 година, кога беше избран за пратеник на листата на Словенечкиот демократски сојуз. Во СДС се приклучил во 1992 година, а веќе следната година станал лидер на партијата – позиција што ја задржа со децении.
Јанша беше и првиот министер за одбрана на независна Словенија, функција што ја извршуваше до 1994 година, кога беше разрешен по аферата „Депала вас“.
Неговиот прв премиерски мандат беше проследен со критики за политички влијанија врз институциите, медиумите и невладиниот сектор. Кон крајот на тој мандат, словенечката јавност ја потресе и аферата „Патрија“, поврзана со набавка на фински оклопни возила. Јанша подоцна беше осуден и отслужи затворска казна, но пресудата подоцна беше поништена од Уставниот суд, а предметот застаре.
Втората влада на Јанша беше формирана во 2012 година, откако тогашниот победник на изборите Зоран Јанковиќ не успеа да состави парламентарно мнозинство. Таа влада падна по само една година по изгласување недоверба.
Иако СДС победи и на изборите во 2018 година, влада тогаш формира Марјан Шарец. По неговата оставка во 2020 година, Јанша повторно успеа да формира кабинет, кој управуваше со државата за време на пандемијата на коронавирусот.
Според најавите, новата словенечка влада ќе има 14 министерства, а клучните ресори како финансии, надворешни и внатрешни работи ќе и припаднат на СДС.
















