
Во урнатините на станбена зграда во Киев, погодена во руски ракетен напад, вниманието на јавноста го привлече еден необичен детал – речиси целосно уништениот објект зад себе оставил само еден недопрен фрижидер, кој за многумина стана симбол на човечката издржливост среде војната.
Руската ракета уништила цел дел од зградата, оставајќи зад себе разурнати станови, бетон, искршени прозорци и лични предмети расфрлани меѓу урнатините. Но, меѓу сето тоа, исправен останал фрижидер во кој сè уште имало намирници, шише шампањ и мало висечко тефтерче со белешки.
Според сведоштва од местото на трагедијата, во тефтерчето најверојатно биле запишани секојдневни обврски, планови и обични животни моменти – детали од едно секојдневие што за миг било прекинато од ракетниот удар.
Фотографиите од преживеаниот фрижидер брзо се проширија на социјалните мрежи, каде многумина го опишаа како „болен потсетник“ дека зад секоја уништена зграда стојат реални животи, семејства и соништа.
Нападот е дел од најновите руски ракетни удари врз украинската престолнина, кои повторно предизвикаа големи материјални штети и жртви меѓу цивилното население во Украина.
















