УТРО.мк

Обвинителството истражува можно извлекување тајни податоци и шпионажа од кабинетот на претседателката

Обвинителството истражува можно извлекување тајни податоци и шпионажа од кабинетот на претседателката
Vero

Сомнежи за можно оддавање доверливи информации и шпионажа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веќе неколку месеци се предмет на предистрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, објави Слободен печат.


Според информациите на порталот, до редакцијата и до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се наведува дека од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката биле копирани, извлекувани и енкриптирани доверливи податоци, со сомнеж дека дел од информациите можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.


Во пријавата под сомнение е ставен ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката, за кого се тврди дека копирал и складирал доверливи материјали. Дополнително, се споменуваат и други лица од Кабинетот, како и од разузнавачките структури, за кои постојат сомнежи дека можеби учествувале во прикривање на докази и евентуално попречување на истрагата.


Од Обвинителството за организиран криминал и корупција за „Слободен печат“ потврдиле дека предистрагата е отворена уште во декември минатата година, по известување добиено од Секторот за компјутерски криминал при Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија.
Според обвинителите, биле издадени наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но до овој момент сè уште не бил доставен конечен извештај за тоа каква содржина евентуално била извлечена од системите и дали станува збор за доверливи или класифицирани информации.


Дополнителни сомнежи во случајот предизвикува и фактот што Обвинителството сè уште нема обезбедено копии од снимките од безбедносните камери во Кабинетот на претседателката. Според пишувањето на „Слободен печат“, од Кабинетот посочиле дека не располагаат со видеозаписите бидејќи системот бил набавен преку Служба за општи и заеднички работи, додека од СОЗР тврдат дека нивната улога била само набавка на опремата, а дека снимките и системот за надзор се во надлежност на МВР.


Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека во рамки на постапката биле одземени компјутерска опрема и мобилни телефони и дека во тек е анализа на електронските докази. Сепак, не бил даден одговор зошто досега не се доставени бараните видеоснимки до Обвинителството.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран