
Министерот за правда Игор Филков остро реагираше на протестите поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, оценувајќи дека се прави обид ова прашање да се претвори во политичка и етничка пресметка.
Според него, правосудниот испит не смее да се третира како поле за дневнополитички поени или за поттикнување тензии меѓу заедниците, туку исклучиво како професионален филтер што ја проверува стручноста и интегритетот на идните правници. Тој нагласува дека секој обид да се интерпретира законската обврска за познавање на македонскиот јазик како форма на дискриминација претставува сериозна манипулација со јавноста и директно ја доведува во прашање уставната рамка на државата.
Филков потсетува дека македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Македонија и дека токму тој е еден од клучните столбови врз кои се темели функционирањето на институциите и правниот систем.
Тој нагласи и дека теми од ваква чувствителност не треба да се користат за политичко профилирање или создавање меѓуетнички поделби. Како што вели, правосудниот испит се спроведува според јасно утврдени законски правила и професионални стандарди, а не под притисок на улица или актуелни политички кампањи.
Иако го признава правото на протест како демократска вредност, министерот предупредува дека тоа право не може да се користи како инструмент за уривање на критериумите во правосудниот систем.
Тој додава дека Министерството за правда останува отворено за институционален и аргументиран дијалог, но дека нема да се дозволи ниту ослабување на правосудните стандарди, ниту релативизирање на улогата на македонскиот јазик во државниот и правниот поредок.
Филков подвлекува дека македонскиот јазик не претставува бариера, туку уставна обврска и клучен гарант за стабилноста и функционирањето на државните институции.
















