
Во селото Разловци денеска беше одбележана 150-годишнината од Разловечкото востание, на настан кој доби свечен и историски карактер, со пораки за единство, државност и зачувување на националниот идентитет.
Свеченоста, која привлече бројни делегации и претставници од институциите, беше искористена како повод да се потсети на значењето на востанието како еден од првите организирани изрази на отпор против османлиската власт, но и како, како што беше истакнато, вовед во подоцнежните револуционерни движења што кулминирале со Илинден.
Во своето обраќање, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека денешното време бара поинаков вид одбрана на татковината, не преку оружје, туку преку институции, знаење и економски напредок. Тој порача дека државата се чува со стабилни системи, образование и национална сплотеност, а не со поделби.
Мицкоски предупреди и на внимателност во политичките одлуки, посочувајќи дека историското и националното наследство не смее да стане предмет на дневнополитички компромиси. Во неговиот говор беше нагласено и дека ниту една политичка разлика не треба да биде над интересот на државата, ниту пак личните амбиции над иднината на младите генерации.
На настанот се обрати и министерот за култура Зоран Љутков, кој ја истакна симболиката на локалните востанија како темели врз кои подоцна се граделе поголемите историски победи. Тој информираше дека за реконструкција на Спомен-домот во Разловци се вложени околу 20 милиони денари.
Иницијатива за дополнително истакнување на историското значење на селото најави и градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, кој предложи Разловци да добие статус на заштитена историска целина, а 19 мај да се разгледа како можен неработен ден во локален контекст.
Свеченоста заврши со положување свежо цвеќе пред реконструираниот Спомен-дом, каде делегациите им оддадоа почит на историските настани што го одбележале почетокот на револуционерната борба во регионот.
















