УТРО.мк

Истрагата за трагедијата во Бугарија: култ, самоубиства или нешто повеќе?

Истрагата за трагедијата во Бугарија: култ, самоубиства или нешто повеќе?
Vero

Тројцата мажи пронајдени мртви во домот на Петрoхан не јаделе неколку дена пред смртта и консумирале само вода или чај, покажале резултатите од обдукцијата на Ивајло Иванов, Пламен Статев и Дечо Василев. Нивните желудници биле целосно празни, што според адвокатот Људмил Рангелов упатува на намерен период на постење, најверојатно поврзан со обид за „самопрочистување“.

Рангелов, повикувајќи се на извор близок до истрагата, изјави дека засега нема докази за вмешаност на други лица. Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 1 февруари околу 13:50 часот на локацијата пристигнале две теренски возила во сопственост на здружението што го користи домот. Возилата биле идентификувани при проверки, а според претходна изјава на Милена Малинова, пријателка на Иванов, истиот ден биле забележани неколку возила кои се движеле со голема брзина. Од МВР додаваат дека патот води и до други локации и не е потврдено дека сите возила свртеле кон домот.

Социологот Парван Симеонов оцени дека официјалната верзија на настаните засега изгледа најверодостојна и дека јавноста треба да се потпира на објавените податоци. Според него, достапните индикации упатуваат на можно постоење на езотерична група чии активности кулминирале со доброволна смрт. Сепак, тој нагласи дека е невозможно со сигурност да се утврди дали смртта на помладите жртви била целосно доброволна, што ја прави ситуацијата особено вознемирувачка.

Симеонов предупреди и на ширењето теории на заговор и политизацијата на случајот, оценувајќи дека тоа ја поткопува рационалната јавна дебата. Тој ја критикуваше и „протеченоста“ на лични податоци за жртвите, нарекувајќи ја форма на експлоатација.

Политикологот Стојчо Стојчев истакна дека недовербата во институциите придонесува за судир на различни толкувања. Според него, комуникацијата на обвинителството пред полицијата може да се сфати како индикатор за специфичен пристап кон случајот, но не мора да значи ништо повеќе од тоа. Тој ја отфрли тезата дека групата имала паравоен карактер.

Психијатарот д-р Љубомир Канов изјави дека однесувањето на лицата поврзани со случајот не укажува на класична психоза или лудило. Според него, станува збор за сложена групна динамика што може да доведе до екстремни одлуки без присуство на дијагностицирана ментална болест.

Канов изнесе хипотеза за затворен синџир од две убиства и четири самоубиства. Според ова сценарио, тројцата мажи во домот си ги одзеле животите, по што Иванов ги убил другите двајца во камп-возилото и потоа се самоубил. Тој оцени дека оваа верзија е внатрешно конзистентна, но не ја исклучи можноста за нови факти што би можеле да ја променат сликата.

Според Канов, најприфатливо објаснување за јавноста би било дека харизматичен поединец, отстапувајќи од будистичките идеи, создал затворена група во која животот бил претставен како илузија што треба да се „надмине“. Сепак, истрагата продолжува, а бројните прашања околу шесте смртни исходи сè уште чекаат конечни одговори.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран