УТРО.мк

Големиот пожар во БиХ излегува од контрола – побарана итна меѓународна помош

Големиот пожар во БиХ излегува од контрола – побарана итна меѓународна помош
Vero

Голем шумски пожар кој избувна во близина на Прозор-Рама, во Босна и Херцеговина, се шири со голем интензитет и веќе ја зафати густата борова шума на возвишението Коливрет. Поради тежината на ситуацијата, локалните власти од Херцеговачко-неретванската жупанија побараа итна меѓународна помош за гасење од воздух.

„По барање на локалните власти, испратен е официјален повик за меѓународна поддршка“, соопшти портпаролот на жупаниската влада, Перо Павловиќ.

Гасењето на огнот е значително отежнато поради непристапниот терен, кој не дозволува пристап со противпожарни возила. Според Павловиќ, авион за гасење од типот „Air Tractor“ делувал неколкупати, но поради сериозниот интензитет на огнот, без дополнителна поддршка тешко ќе се спречи неговото понатамошно ширење.

„Сите расположливи сили се на терен. Екипите се распоредени во близина на населените места, подготвени да интервенираат во случај да бидат загрозени станбени објекти“, додаде Павловиќ.

Властите предупредуваат дека ситуацијата останува непредвидлива и оти ќе бидат потребни големи напори и координација за да се стави пожарот под контрола.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран