
Речиси 200 лица, меѓу кои и деца, биле спасени во текот на ноќта од морето и од пловила кај Омик, откако големиот пожар што го зафатил подрачјето ги принудил да бегаат кон морето за да се спасат од огнената стихија.
Спасувачката акција започнала во четвртокот во 23:40 часот, по дојавите дека поголем број луѓе се наоѓаат во морето, како и на пловила без надзор, каде што побарале засолниште од пожарот.
Акцијата ја координирала Националната централа за усогласување на трагање и спасување на море во Риека, во соработка со Капетанијата на пристаништето Сплит и нејзините испостави.
Во спасувањето биле ангажирани сите расположливи чамци на Капетанијата на пристаништето Сплит, како и екипи од испоставите во Макарска, Милна и Хвар. Помош пружила и поморската полиција од Сплит со две полициски пловила, како и брзото пловило „Модруљ“ на Хрватската крајбрежна стража.
Во акцијата се вклучиле и службеници на Царинската управа, Хрватската горска служба за спасување, граѓани и приватна компанија со патнички брод.
Најинтензивниот дел од спасувањето траел од 00:15 до 02:45 часот. Службениците на трите пристанишни испостави спасиле вкупно 194 лица, главно преку евакуација од брегот, морето и пловилата на кои луѓето се качиле за да се засолнат од огнот.
Најголем број интервенции имало на потегот од Немира до Рускамен.
Надлежните служби продолжиле со превентивен надзор на крајбрежјето погодено од пожарот, а контролата ќе продолжи и во текот на денот, во координација со Националната централа во Риека.
Поради пожарот, „Јадролинија“ соопшти дека траектот на линијата 633 Плоче–Трпањ ќе сообраќа непрекинато, односно без да го следи вообичаениот ред на пловидба.

















