
Македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески синоќа приреди незаборавна музичка вечер во Античкиот театар во Охрид, каде пред публиката не само што ја презентираше својата музика, туку сподели и лични спомени и силни емоции поврзани со градот.
Говорејќи за својата поврзаност со Охрид, Трпчески се осврна и на подобрувањето на патната инфраструктура и изградбата на автопатот Охрид-Кичево.
„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува. Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре“, порача Трпчески.
Тој раскажа дека Охрид има посебно место во неговиот живот и кариера. Токму тука го одржал својот прв солистички концерт во 1993 или 1994 година, а како млад често ги поминувал летата во градот.
„Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре“, сподели пијанистот.
На концертот публиката имаше можност да слушне дела од Фредерик Шопен, Едвард Григ и современиот француски композитор Гијом Конесон. Трпчески меѓу композициите раскажуваше приказни и спомени, создавајќи посебна атмосфера во Античкиот театар.
Вториот дел од концертот беше посветен на проектот „Македонисимо“, преку кој македонската традиционална музика добива современ музички израз во аранжманите на композиторот Панде Шахов.
Особено емотивен момент беше кога Трпчески ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, а публиката му се придружи во песната.
На концертот присуствуваа и неговите најблиски – мајка му Нетка, сопругата Даниела, синовите Стефан и Андреј и ќерката Лара. Со него во Охрид беа и дел од членовите на „Македонисимо“, заедно со нивните семејства.
Трпчески се присети и на својот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнувал од струшкото село Збажди. Во негова чест, ансамблот во 2022 година таму го одржал својот прв концерт.
„Следната година ‘Македонисимо’ слави 10 години. Досега бевме во повеќе од 20 светски земји“, истакна Трпчески, кој им се обрати и на странските гости во публиката.
„Добредојдовте во нашиот бисер и ви благодариме што нè поддржувате“, порача тој.
Концертот беше збогатен и со настапот на охридскиот гитарист Дејан Милески. По неколкуте композиции посветени на Охрид, музичката вечер заврши со охридската народна песна „Деспина“, која заедно со Трпчески ја запеа и публиката.
По настапот во Охрид, Трпчески вечерва продолжува со концерт во Хераклеја во Битола.

















