
Една жртва е регистрирана во катастрофалниот пожар што од синоќа беснее во околината на Омиш, Хрватска. Телото на починато лице било пронајдено денеска околу 13:30 часот при увид во опожареното подрачје, соопшти Сплитско-далматинската полициска управа.
Според полицијата, телото го пронашле полициски службеници додека вршеле увид на изгорената површина. На местото ќе биде спроведена истрага под раководство на надлежниот државен обвинител, со помош на полицијата.
Засега не е соопштен идентитетот на починатото лице, ниту се познати околностите под кои настапила смртта. Повеќе информации се очекуваат по завршувањето на увидот.
Пожарот предизвика и голем број повредени. Во текот на ноќта и утрото, во Сплитската болница биле згрижени вкупно 40 лица, од кои 14 биле задржани на болничко лекување.
Седум од хоспитализираните се во тешка состојба и се приклучени на респиратори. Меѓу нив има шест возрасни лица и 17-годишен малолетник.

















