
Борбени авиони на НАТО рано утрово соборија беспилотно летало кое навлегло во воздушниот простор на Латвија, во регионот Балви, на североистокот од земјата. Латвиските вооружени сили соопштија дека воздушната закана е отстранета.
Пред интервенцијата, во повеќе области во источниот дел на Латвија беше прогласен портокалов степен на воздушна тревога. Предупредувањето ги опфати областите Аугшдаугава, Преили, Резекне, Балви и Алуксне, а граѓаните добија известувања на своите мобилни телефони. Тревогата беше укината околу еден час подоцна.
Засега нема официјални информации за потеклото и типот на дронот. Леталото било пресретнато и соборено над општината Балви, во областа Ругаји, на релативно голема височина. Поради тоа, надлежните предупредија дека остатоците може да бидат расфрлани на поширока територија.
Граѓаните се повикуваат да не допираат сомнителни предмети доколку ги забележат, туку веднаш да го известат бројот 112.
Во исто време, Финска привремено го ограничи воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив. Финските одбранбени сили соопштија дека мерките се преземени како претпазливост поради можноста за појава на беспилотни летала.
И Русија во текот на ноќта соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 15 дронови над Ленинградската област, во која се наоѓа и Санкт Петербург. Засега нема потврда дека овие инциденти се поврзани со леталото што навлегло во Латвија.
Ова е втор ваков инцидент во Латвија годинава. На 8 јуни, сојузнички борбени авиони за првпат соборија странски дрон во латвискиот воздушен простор. Тогаш интервенираа француски борбени авиони на НАТО, но потеклото на леталото не беше утврдено.
По серијата инциденти со беспилотни летала во близина на руската граница, балтичките земји продолжуваат со зајакнување на воздушната одбрана и заштитата на критичната инфраструктура. Латвија веќе најави дополнително распоредување радари и системи за пресретнување долж источната граница.

















