УТРО.мк

Аларм за бомби го парализира железничкиот сообраќај во Србија

Аларм за бомби го парализира железничкиот сообраќај во Србија
Vero

Целиот патнички железнички сообраќај во Србија денеска е суспендиран откако „Србијавоз“ добил анонимна дојава за поставени експлозивни направи на сите возови и пруги. Компанијата соопшти дека мерката ќе остане во сила сè додека надлежните институции не спроведат целосни безбедносни проверки.

„Сообраќајот на сите патнички возови е суспендиран до понатамошно известување“, соопштија од „Србијавоз“, потенцирајќи дека алармантната дојава се однесува на сите правци и линии во државата.

Инцидентот се случува во ек на зголемени политички тензии, само ден пред најавениот голем граѓански протест на 28 јуни, организиран од студентските движења кои веќе со денови ја блокираат Универзитетската улица во Белград. Протестот е најавен како масовен одговор на трагедијата во Нови Сад, каде при уривање на настрешница загинаа 16 лица. Студентите и граѓански активисти бараат оставки, предвремени парламентарни избори и правна одговорност за случајот.

Во меѓувреме, српските власти започнаа со низа апсења низ државата. Досега се уапсени седум лица во две одделни полициски акции. Меѓу нив е и студент од Универзитетот во Белград, обвинет за „повикување на насилна промена на уставниот поредок“, додека останатите се товарат за обид за „насилно рушење на власта“.

Опозициски партии и граѓански организации предупредуваат дека режимот се обидува да создаде клима на страв пред протестот, обвинувајќи ја власта за политички прогон и злоупотреба на безбедносните служби. Надлежните институции најавуваат нови апсења, а Србија се соочува со најинтензивниот политички и безбедносен предизвик ова лето.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран