Бугарскиот претседател Румен Радев упати жестока критика кон актуелната Влада во Софија, обвинувајќи ја за неспособност да го заштити националниот интерес на Бугарија во однос на Македонија. Повод за неговата реакција беше писмото што го испрати до институциите на Европската Унија и земјите-членки по усвојувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од страна на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
„Бугарија во моментов се третира на начин што беше незамислив за време на техничките влади и кога јас ја претставував земјата во Европскиот совет“, изјави Радев пред бугарските медиуми.
Тој потсети дека токму во неговиот мандат, темата за правата на Бугарите во Македонија за првпат била директно покрената пред европските партнери.
„Не само што работевме на заштита на националниот интерес на сите нивоа, не само што не дозволивме легитимирање на македонизмот со започнување преговори за членство во ЕУ, туку за прв пат го покренав прашањето пред нашите партнери дека во оваа земја има Бугари и тие имаат права што се газат“, рече Радев.
Тој истакна дека тој бил иницијаторот на условот за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав како предуслов за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
„Сега гледаме дека не само што одбраната на националниот интерес од страна на Владата не е на потребното ниво, туку ова го поставува прашањето дали тие се свесни што точно е нашиот национален интерес во однос на Македонија и како се брани“, потенцираше шефот на бугарската држава.
Радев изрази и загриженост поради неспособноста на бугарските политички партии да го наметнат националниот интерес во рамки на нивните европски семејства.
„Гледаме што се случува дури и во ЕНП и вие веќе извлекувате свои заклучоци за тежината на нашите политичари во нивните европски семејства“, предупреди Радев.