Градежните работи на обиколницата во Солун – што треба да знаат туристите пред да тргнат кон Грција
Градежните зафати на големиот инфраструктурен проект за надвозник во Солун веќе се во тек и, според најавите, ќе траат до крајот на 2027 година. Работите се одвиваат на клучната обиколница на градот – Периферијакос, а многу туристи кои летуваат во Грција, особено на Халкидики, се прашуваат дали ова ќе влијае на нивното патување.
Според информациите на Грик Инфо, сообраќајот на обиколницата и покрај градежните работи, се одвива релативно нормално. Иако на одредени делници има стеснување од три на две ленти, засега не се забележани сериозни застои или метежи – дури ни во јули и август, кога е пикот на летната сезона.
Кога да се избегнува обиколницата?
Сепак, се препорачува да се избегнува возење по обиколницата во периодите со најголем интензитет на сообраќај – наутро меѓу 07:00 и 10:30 часот, како и попладне од 15:00 до 19:00 часот. Дополнително, во сабота околу 10:00 часот, се очекува зголемен сообраќај кон Халкидики, бидејќи голем број Грци тргнуваат на викенд-одмор. За туристите кои пристигнуваат во Грција во сабота, се препорачува влез во Солун во раните утрински часови.
Иако и минатите години имаше градежни зафати, големи застои беа реткост, освен во случаи на сообраќајни несреќи или дефекти. Се потенцира дека нема место за паника – низ Солун постојат и алтернативни рути кои можат да се искористат доколку е потребно.
Каде се изведуваат работите оваа година?
Во 2025 година, градежните активности се концентрирани околу болницата „Папагеоргиу“, на околу 87-от километар од грчката граница, веднаш по исклучувањето за Серес, Аспровалта, Кавала и Тасос. Работите ќе се протегаат сè до излезот кон Халкидики. На оваа делница, потребно е малку повеќе трпение, особено за оние што патуваат кон Халкидики или планираат кратка посета на Солун.
Обиколницата или центарот на Солун?
Како и досега, една од можните алтернативи е патување низ центарот на градот. Улиците Егнација, Цимиски и авенијата Никис се достапни, а полицијата обезбедува редовна регулација на сообраќајот, забранувајќи неправилно паркирање и застанување. Улицата Егнација сега е целосно отворена за сообраќај, по претходни градежни работи.
Многу туристи веќе со години го користат овој пат, и искусно го избегнуваат кружниот пат на Солун. Возењето покрај морето, низ центарот, може да биде поудобно за некои, особено ако патуваат во ненатрупани термини.
До кои дестинации се поминува преку обиколницата, а до кои не?
Одморалишта што зависат од обиколницата:
Цел Халкидики (Касандра, Ситонија, Централна Халкидики: Неа Каликратија, Неа Флогита, Дионисиу)
Приградските плажи околу Солун: Переја, Агија Триада, Неи Епиватес
Одморалишта до кои се пристапува без обиколницата:
Атос (Халкидики) – исклучување пред зоната со работи
Кавала и Тасос – преку автопатот Егнација Одос (А2)
Лефкада, Крф, Кефалонија – преку западниот автопат и пристаништа (Јанина, Игуменица, Патра)
Олимпискиот регион (Паралија, Лептокарија, Литохоро и др.) – преку автопатот А1, без влегување во Солун
Што ќе добие Солун по завршувањето на проектот?
По завршувањето на проектот за надвозник, Солун ќе добие современ и бесплатен автопат долг 31 километар, кој ќе ги поврзува источните и јужните делови на градот, аеродромот, автопатот Егнација и правецот кон Халкидики. Проектот вклучува:
13 км нов пат
8 км надвозник
9 клучки
10 надвозници
3 нови тунели
Овој инфраструктурен зафат не само што ќе ја подобри поврзаноста и протокот на сообраќај, туку значително ќе ја зголеми и безбедноста. Според податоците, стапката на смртност на сегашниот пат е 12 пати повисока од онаа на Атичкиот пат во Атина.
Совет за патување:
Иако работите се во тек, нема простор за грижи – со малку планирање и избегнување на шпиц-термини, летниот одмор во Грција ќе започне без проблеми.