
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека се воведува Кодекс за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при МВР.
Како што соопшти Министерството, целта на оваа мерка е одржување на професионалниот стандард, дигнитетот на институцијата и меѓусебната почит во службените простории.
„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции“, наведуваат од МВР.
Оттаму апелираат до граѓаните, пред доаѓање во просториите на Одделот за граѓански работи, каде што се подигнуваат лични документи, пасоши и се користат други административни услуги, да се погрижат нивниот изглед да биде во согласност со општоприфатените норми за јавни институции.
Воедно, Министерството посочува дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување кој важи за вработените во МВР.















