
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави итна надградба и дополнителна имплементација на системот „Безбеден град“ на сообраќајниците низ државата.
Одлуката доаѓа непосредно по тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која животот го загубија четири лица, што повторно ја отвори темата за безбедноста во сообраќајот и потребата од построги контроли.
Системот „Безбеден град“ користи современа технологија за видео надзор и автоматско препознавање на сообраќајни прекршоци, со цел воспоставување поголем ред и дисциплина на улиците и булеварите.
Според најавите, преку поставување дополнителни камери и дигитални контроли се очекува значително намалување на брзото и неодговорно возење, особено на критичните сообраќајни точки.
„Безбедноста во сообраќајот не е само прашање на казни, туку на свест и култура. Продолжуваме со техничко засилување на контролите, бидејќи една секунда невнимание може да доведе до трајни и ненадоместливи загуби“, изјави Тошковски.
Системот „Безбеден град“ годинава почна да функционира во Скопје, Куманово и Тетово, а надлежните најавуваат негово понатамошно проширување и модернизација.















