Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, објави дека меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на државата на ниво ББ- со стабилен изглед, што претставува важна потврда за економските политики и стабилноста на земјата.
„Ова е сигнал до инвеститорите дека сме на вистинскиот пат – економски раст, фискална одговорност и стабилни јавни финансии“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Според неа, клучните приоритети остануваат насочени кон зголемување на потрошувачката преку раст на платите и пензиите, засилени инфраструктурни инвестиции – особено преку стратешките проекти како Коридорите 8 и 10д – како и континуирана фискална консолидација.
„Ќе продолжиме со реформите, со градење функционални институции и владеење на правото, што се предуслови за долгорочен економски напредок и европска интеграција“, нагласи министерката.