Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е најдена група потенцијални инвеститори кои се заинтересирани за купување на популарната социјална мрежа TikTok во САД.
Во интервју за Fox News, Трамп изјави дека се работи за „многу богати луѓе“, чии имиња ќе бидат објавени во наредните две недели. „Имаме купувач за TikTok“, рече Трамп, додавајќи дека верува оти ќе биде потребно одобрение од Кина за зделката.
„Мислам дека ќе ми треба одобрување од Кина, и верувам дека претседателот Си Џинпинг ќе го даде тоа“, изјави тој, пренесува агенцијата Associated Press.
Иако не ги откри деталите за предложените инвеститори, Трамп ги опиша како „група многу богати луѓе“. „Ќе ви кажам за околу две недели“, додаде тој, одговарајќи на новинарско прашање за идентитетот на купувачите.
Да потсетиме, Трамп на 18 јуни по третпат ја одложи примената на забраната за TikTok во САД, во случај неговиот сопственик – кинеската компанија ByteDance – да не ја продаде апликацијата на американски инвеститори.