Apple се подготвува за најрадикалниот редизајн на iPhone во последната деценија. Според најновите информации, iPhone 17 Pro ќе добие целосно нов систем на камери што ќе се протега низ целиот горен дел од задната страна, поради што компанијата првпат по шест години ќе го премести логото на нова, пониска позиција.
Познатиот leaker Majin Bu откри дека производителите на маски веќе ги добиле новите дизајни, а протечените илустрации покажуваат дека логото е поместено кон долниот центар на уредот, веднаш под новата „камера-трака“. Таа трака, наводно, ќе вклучува три леќи на левата страна, додека LED блицот и LiDAR сензорот ќе бидат позиционирани оддесно, создавајќи симетричен изглед.
Ова е прва голема промена на положбата на логото од iPhone 11 во 2019 година, кога Apple го центрираше логото и го отстрани натписот „iPhone“ од долниот дел. И тогашниот модел донесе редизајн со квадратна камера со три леќи – нешто што сега повторно се случува, но во уште поекстремна форма.
Освен визуелните новитети, Bu откри и дека Apple тестира „vapor chamber“ систем за ладење, сличен на оној што се користи кај гејмерските телефони. Иако технологијата се уште не е финализирана, нејзината имплементација би овозможила подобри перформанси и одржување на температурата при напредни задачи и користење на AI функции.
Иако сите информации се неофицијални, од досега протеченото станува јасно дека Apple работи на еден од најдраматичните визуелни зафати во дизајнот на iPhone, што може да го постави iPhone 17 Pro како визуелен симбол на следната ера на премиум смартфони.