Шумските пожари во западна Турција продолжуваат да се шират, а властите евакуираа повеќе од 50.000 луѓе од покраините Измир, Хатај и Билечик, објави министерот за внатрешни работи Али Јерлијаја. Во Измир се оштетени околу 130 куќи и згради, додека во Билечик повеќе од 60 куќи и 20 штали.
Спасувачките екипи во Измир цела ноќ се борат со огнената стихија, информираше државната новинска агенција Анадолија. Министерот за земјоделство, Ибрахим Јумакили, соопшти дека 21 лице побарало лекарска помош поради повредите предизвикани од пожарите.
Силните ветрови дополнително го отежнуваат гасењето на огнот, кој во покраината Маниса се гаси веќе трети ден по ред.
Од петок до недела низ целата земја избиле 263 пожари, од кои 259 се ставени под контрола, според податоците од канцеларијата за медиуми на турскиот претседател. Само во Измир во гасењето се вклучени повеќе од 1.000 лица.
Причината за пожарите сè уште не е утврдена, а властите продолжуваат со напорите за целосно запирање на огнените линии.