
Француската автомобилска и одбранбена индустрија сè појасно се преплетуваат, додека Париз се подготвува за нова ера на безбедносни предизвици. „Рено“, симбол на француското автомобилско производство и бренд препознатлив по модели како „Клио“ и „Сеник“, влегува во проект за развој на воени дронови, со што директно ќе придонесе за јакнење на одбранбените капацитети на земјата.
Проектот, кој се реализира под покровителство на француското Министерство за одбрана, ќе се спроведува во партнерство со производителот на аеронаутичка и одбранбена опрема „Тургис Гајар“. Потегот доаѓа во момент на зголемени геополитички тензии, кога Европа бара посамостоен одговор на безбедносните закани и на притисоците од САД, вклучително и чувствителните прашања поврзани со Гренланд.
„Министерството нè контактираше уште пред неколку месеци, токму поради нашето искуство во индустриското производство и инженерството“, изјави за БФМ ТВ Фабрис Камболив, директор за развој во „Рено“. Според него, силата на компанијата лежи во способноста да развива сложени производи во големи серии, со строга контрола на квалитетот, трошоците и роковите.
Иако францускиот магазин Нувел Узин објави дека дроновите би се произведувале во фабриките на „Рено“ во Клеон и Ле Ман, компанијата засега не ги потврдува овие информации. Од „Рено“ велат дека одлуката за локациите сè уште не е донесена и дека претходно мора да се одржат консултации со работничките синдикати. Камболив, пак, настојува да смири евентуални дилеми: автомобилската индустрија, вели тој, и понатаму останува јадрото на деловната стратегија на компанијата.
Националниот контекст, сепак, јасно укажува зошто ваквите партнерства стануваат нужност. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела побара значително зголемување на воените трошоци, со цел Франција да одговори на „растечките глобални закани“. Планот предвидува дополнителни 36 милијарди евра за одбраната и проширување на капацитетите на армијата до 2030 година, иако државниот буџет сè уште е под знак прашалник.
Според весникот Ла Трибун, „Рено“ и „Тургис Гајар“ би можеле да развиваат тактички дрон со распон на крилја од околу 10 метри, по цена која би била конкурентна на меѓународниот пазар. Производството, наводно, би достигнало и до 600 дронови месечно по првата година од проектот – информација што „Рено“ засега одбива официјално да ја коментира.
Француската држава, која поседува околу 15 проценти од акциите на „Рено“, и натаму има значително влијание врз стратегиските одлуки на компанијата. Иако тоа влијание е далеку помало од периодот по Втората светска војна – кога „Рено“ беше целосно државна – врската меѓу државата и индустрискиот гигант останува силна уште од приватизацијата во 1990-тите.



























